Македонија

Алиу: Здравствениот систем нема да се креира според желби на фамилијарни традиции, крај за „прескокнувањето“ дежурства на специјализантите

Алиу: Здравствениот систем нема да се креира според желби на фамилијарни традиции, крај за „прескокнувањето“ дежурства на специјализантите

Министерот за здравство, Азир Алиу, во продолжение на интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ се осврна на горливите проблеми со приватните специјализанти, дефицитот на стручен кадар како цитолозите и административните кочници кои ги заглавуваат капиталните проекти во здравството.

Шок за министерот: Дел од приватните специјализанти работат приватно наместо да учат на дежурства

Говорејќи за менаџерскиот пристап, Алиу истакна дека секогаш ги сослушува двете страни на проблемот. По средбата со приватните специјализанти и анализата на информациите од администрацијата, тој се соочил со факти кои, како што вели, биле вистински шок за него.

„Дознав дека дел од приватните специјализанти, за жал, не одат на дежурства и дежурни турниси во државните клиники, туку одат да работат во приватни здравствени установи за да заработат дополнителна плата, бидејќи месечните примања од државата им се мали, околу 24.000 денари. Тоа за мене е страшно. Колку и да е мала таа сума, и покрај тоа што исплатата им доцнеше со месеци поради административни процедури, недозволиво е да се оправдува неодењето на задолжителна пракса. Утре сите ние ќе бидеме пациенти на тие доктори. Процесот на специјализација мора да се одвива строго по дефинираниот курикулум и потпишаниот договор, а претераната емпатија од менторите кои им прогледувале низ прсти со изговорот ‘греота е, нема пари’ мора да престане“, дециден е Алиу.

Тој најави дека по расчистувањето на административните пречки, сите приватни специјализанти ќе бидат навремено информирани за исплатите и за новиот начин на контрола.

Крај за дефицитот со кадар: Нема специјализации по линија на „вмешани татковци и директори“

На прашањето на уредникот дали со реформите ќе се реши критичниот дефицит на стручен кадар, како што е примерот со цитолозите каде има само шестмина во целата држава додека бројот на болни од рак постојано расте, Алиу најави воведување на ригорозен клуч.

„За жал, во државата ни недостигаат неколку битни профили без кои системот не може да функционира. Тоа е така затоа што досега специјализациите се отвораа по линија на тоа кој директор со кој татко на млад доктор се знае, или ако таткото е гинеколог, па и синот мора да биде гинеколог, или пак се бира пластична хирургија бидејќи е модерно. Како резултат на тоа имаме огромен дефицит на кадар од една страна, а суфицит од друга. Веќе ми се јавуваат луѓе да ургираат за продолжување на семејни традиции, но јавно порачувам: повеќе нема да се отвори ниту една специјализација или субспецијализација доколку директорот на таа институција не достави сериозно образложение за нејзината оправданост за следните пет години“, изјави Алиу.

Новиот систем на одобрување ќе се води според двојна проверка на податоците — преку компаративна анализа на менаџментот на болниците и податоците на „Е-Здравство“, со што ќе се спречат сите обиди за манипулација. „Здравствениот систем веќе нема да се креира базиран на желби на доктори или директори, туку исклучиво на реалните потреби на граѓаните“, додаде министерот.

Паркингот на Клинички откри со какви административни лавиринти се соочува менаџментот

Како пример за тоа колку администрацијата знае да ги забави процесите, министерот се пошегува на своја сметка за ветеното решение за паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

„Учам од сопствените грешки. Во втората недела од мојот мандат, воден од амбицијата, изјавив дека ќе го решиме хаосот со паркингот во Клинички за три месеци. Помина една година и една недела, а тој сè уште не е готов. Потрошивме цели пет месеци само во административни лавиринти бидејќи парцелите не беа дефинирани, па се правеа елаборати, па прашањето мораше двапати да оди на владина седница за конечно да потпишеме договор со Град Скопје. Договорот сега е потпишан и веќе следната недела ќе биде отворен јавниот повик“, заклучи министерот Алиу, илустрирајќи колку време е потребно за да се придвижат закочените институционални процеси.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни