Министерот за здравство, Азир Алиу, во интервјуто за „Ноќно студио“ на „4ТВ“ отворено говореше за воведувањето на системот со отпечатоци од прст (фингерпринт) за контрола на работното време на здравствените работници. Како инженер по струка, тој објасни дека одлуката за ова решение била донесена по реална анализа на состојбите на терен и буџетските можности, но и како одговор на јавната тајна дека дел од лекарите воопшто не се појавуваат на своите работни места.
Контрола прилагодена на реалноста, а не скап луксуз
Алиу потенцираше дека секој од 15-те закони и сите нови административни или клинички протоколи се носат исклучиво по широка консултација со фелата, бидејќи во спротивно секоја инвестиција би била осудена на пропаст. Тој призна дека постојат далеку помодерни технолошки решенија за следење на кадарот, но смета дека нивното купување во овој момент би било чист популизам.
„Постојат системи каде преку чип или ПИН-код на вратите точниот софтвер знае во која секунда докторот влегол, во која просторија се наоѓа и каква услуга дава во моментот. Но, тоа чини многу пари. Да бидеме реални, ние имаме чекални каде што нема ниту столица за седење, кои не се искречени со години и здравствени институции со прозорци стари половина век. Да креирате прескап софтвер во вакви услови, прво не личи, а второ е тотално ненормално за еден министер да биде толку несинхронизиран со реалната состојба во здравството. Затоа избравме поедноставно и поевтино решение“, истакна министерот.
„Ако не поради обврска, барем од срамота од колегите ќе почнат да работат“
Причината за воведување на каква било контрола е потребата да се заштитат докторите кои работат чесно и прекувремено, а со години не се платени за тоа, на сметка на оние кои воопшто не доаѓаат на работа. На прашањето на колегите лекари како системот ќе го спречи фиктивното пријавување, каде некој се „куца“ наутро и веднаш заминува, Алиу има јасен одговор.
„Точно е, не можеме како систем да ве следиме во секоја секунда во текот на денот. Но, со овој систем со сигурност знаеме дека двапати во денот – во 7:30 и во 15:30 часот – вие физички сте биле присутни во институцијата. Мора да дојдете наутро и мора да се вратите попладне. Па, ако веќе мора да доаѓате, можеби од срамота од колегите кои работат цел ден, ќе почнете и вие да работите нешто. Ова е само прв чекор со кој бараме максимумот од работното време да биде поминато на работното место“, дециден е Алиу.
Личниот пример како менаџерски стил
Министерот порача дека лекарите мора да станат свесни дека земаат плати кои веќе не се мали, и дека за тие пари државата од нив бара одговорност и присуство тогаш кога им се најпотребни на пациентите. Како доказ дека реформата ја почнува од себе, тој го посочи своето секојдневие.
„Јас како министер секој ден сум на работа во 7:30, најдоцна до 8:00 часот наутро. Не одам во канцеларија на пладне, туку тогаш кога во здравствениот систем мора да се реагира. Излегувам во 20, 21 или 22 часот, кога има потреба, иако мене никој не ме контролира. Граѓаните бараат работа од мене, а јас барам од докторите. Прво да воспоставиме навика да се оди на работа, а потоа лесно ќе најдеме начин како да го вреднуваме и контролираме тоа што се работи додека се таму“, заклучи министерот Алиу.