Македонија подготвува промени во системот за доделување државјанства на странски инвеститори, со кои треба да се намалат можностите за злоупотреби и да се зголеми контролата при одлучувањето. Новиот модел не предвидува целосно укинување на таканаречените „златни пасоши“, туку промена на критериумите според кои странци можат да добијат македонско државјанство.
Предложените измени на Законот за државјанство, објавени на ЕНЕР, се подготвени од Министерството за внатрешни работи по препораки на Европската комисија, која укажува дека програмите за економски државјанства можат да претставуваат безбедносен и миграциски ризик.
Според Европската комисија, државите треба да избегнуваат доделување државјанства врз основа на однапред утврден минимален износ на инвестиција. Овие модели, познати како „златни пасоши“, се оценуваат како проблематични од аспект на европските стандарди.
Од МВР појаснуваат дека целта на измените е попрецизно регулирање на постапките и нивна поефикасна примена во пракса.
„Доделувањето државјанство на странци од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено поради различните критериуми што се применуваат“, велат од Министерството.
Со новите решенија се укинуваат фиксните парични прагови за добивање државјанство. Наместо автоматско стекнување право по исполнување на финансиски услов, секој случај ќе се разгледува индивидуално, а надлежните институции ќе оценуваат дали постои посебен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
Досега, странските инвеститори можеа да аплицираат за македонско државјанство со инвестиција од најмалку 400.000 евра во реалниот сектор или 200.000 евра во инвестициски фонд.
Според новиот пристап, самата инвестиција повеќе нема да биде доволна гаранција за добивање пасош, туку ќе биде еден од елементите при целосната проценка на барањето.
Паралелно со промените за странските инвеститори, Министерството предлага олеснувања за македонските иселеници. Се предлага рокот за повторно стекнување државјанство да се намали од три години на три месеци, со цел полесно враќање на кадри и поврзување со дијаспората.
Можноста за стекнување државјанство од особен интерес постои со години преку член 11 од Законот за државјанството, кој овозможува странец да добие државјанство доколку тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес.
Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 370 странски државјани во изминатите години добиле македонско државјанство по различни основи преку оваа одредба.
Политиката на „златни пасоши“ во минатото беше предмет на критики поради сомнежи за можни злоупотреби. Меѓу посочуваните случаи беше индискиот бизнисмен Субрата Рој и неговите синови, кои добија македонско државјанство во 2013 година, но најавените инвестиции не беа реализирани.
Во јавноста се споменуваше и случајот со украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, кој подоцна остана без македонското државјанство поради безбедносни проверки и информации поврзани со неговиот статус во странство.
Со предложените измени, државата сака да воспостави построги критериуми, поголема транспарентност и усогласување со европските стандарди, без целосно откажување од можноста за привлекување инвеститори преку механизмот на државјанство.