Полицијата поднесе кривична пријава против претседателот и секретарот на Општинскиот фудбалски сојуз Валандово поради сомнение дека во период од неколку години регистрирале фудбалски клубови спротивно на правилата и создале услови за незаконски исплати.
СВР Струмица – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе пријава против К.С. (66) и М.Г. (54), двајцата од Валандово, за кривични дела „измама во службата“ и „фалсификување службена исправа“.
Според сомненијата на истрагата, пријавените, во својство на претседател и секретар на Општинскиот фудбалски сојуз Валандово, во периодот од 2021 до 2025 година во повеќе наврати регистрирале фудбалски клубови за настап во општинската лига иако не ги исполнувале минималните услови за број на играчи согласно правилниците на Фудбалската федерација на Македонија.
Со ваквите дејствија, како што информира МВР, бил овозможен поголем број делегати во Собранието на ФФМ, на кои потоа им биле исплаќани надоместоци по различни основи.
Пријавените, според полицијата, за себе и за други лица прибавиле противправна имотна корист од околу 1.350.000 денари.
Дополнително, постои сомнение дека биле изготвувани записници за одиграни натпревари со внесени невистинити и неточни податоци за лица кои наводно учествувале на натпревари, иако тие воопшто не биле одржани.
Случајот е предаден на надлежните институции за понатамошна постапка.