Разговорите за реконструкција на Владата продолжуваат. Според најавите, денеска треба да се одржи средба со партијата ЗНАМ. Од таму порачуваат дека нивните министри успешно ја извршуваат својата работа, врз основа на спроведена детална евалуација на двегодишното функционирање
Министерот за јавна администрација од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев, во интервју за Канал 5 изјави дека партијата извршила темелна евалуација на двегодишното работење на сите нивни функционери. Според ставот на партијата, нивните кадри „одлично си ја вршат својата работа“.
Премиерот Мицкоски, на одбележувањето на роденденот на партијата и пред почетокот на разговорите, укажа дека „на некои функционери им е поблиска фотелјата од народот“. Тој нагласи дека внимателно ги следи состојбите во институциите и изрази незадоволство од појави кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.
Според него, до Владата пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министри и директори, како и за нивно оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните. Мицкоски порача дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните.
„Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен.“
Тој додаде дека нема да толерира несовесност, неодговорност и отстапување од принципите на Владата, ниту ќе прифати оправдувања за неисполнување на обврските. Секој што не може да одговори на предизвиците, според него, треба чесно да го преиспита своето место во тимот.
Како основни критериуми во процесот на реконструкција остануваат:
- Ефикасност во работењето
- Достапност кон граѓаните
- Исполнување на програмските цели
- Целосна посветеност на јавниот интерес
Детали за разговорите засега не се соопштуваат. Од Владата информираа дека процесот е во рана фаза и дека, имајќи го предвид чувствителниот карактер на темата, во овој момент нема да навлегуваат во дополнителни информации. Јавноста ќе биде информирана штом има конкретни договори или одлуки.