Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, му ја предаде на претседателот на Собранието, Африм Гаши, Националната стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 и побара нејзино брзо усвојување.
Во следните пет години ДКСК ќе се фокусира на најризичните области со најголемо влијание врз намалување на корупцијата и зајакнување на владеењето на правото:
- Јавни набавки и надзор на спроведувањето на законите
- Правосудство
- Транспорт и инфраструктурни проекти
- Просторно и урбанистичко планирање и градежништво
- Здравство
- Животна средина, енергетика и природни ресурси
„Иако проценката на ризици опфати повеќе сектори, се фокусиравме на оние за кои веруваме дека, доколку се имплементираат во наредните пет години, ќе имаат значаен ефект врз развојот на општеството и намалување на корупцијата“, изјави Чучуљ.
Гаши најави дека документот веднаш ќе биде доставен до пратениците: „Веднаш ќе ја доставам до пратениците и се надевам дека во најбрз можен рок, согласно Деловникот, ќе се најде на пленарна седница и ќе биде усвоена. Очекуваме и имплементација, која зависи од сите фактори во државата“.
Чучуљ очекува брзо усвојување на измените на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, кои се во владина процедура. Со нив, како што нагласи, ќе се зајакнат улогата и интегритетот на Комисијата, а ќе се заострат и санкциите за функционери кои не поднесуваат изјава за имотна состојба.
Нискиот степен на санкции е нотираn и од ГРЕКО. Во измените се предвидуваат не само повисоки прекршочни казни, туку и дополнителни механизми за санкционирање:
- повисоки прекршочни санкции согласно Законот за прекршоци,
- дополнителни проверки на имотната состојба,
- отворање други постапки за непријавување.
Иако дел од институциите не доставиле проценки за потребните ресурси, со помош на експерти е пресметано дека за спроведување на Националната стратегија на ДКСК ќе ѝ бидат потребни најмалку 3,5 милиони евра. Според Чучуљ, тоа е релативно мал износ во однос на придобивките што може да ги донесе успешната имплементација.