Времето во земјава во следните неколку дена ќе биде под влијание на циклонска активност која се движи од подрачјето на Турција, што ќе донесе нестабилни временски услови проследени со дожд, грмежи и засилен ветер, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозата, утре и во среда ќе има развој на нестабилна облачност во повеќе делови од државата. На места се очекуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, а локално атмосферските процеси може да бидат поинтензивни, со пообилен дожд, силни ветрови и услови за појава на град.
Во четврток нестабилноста ќе се намали, но и понатаму ќе постои можност за изолирана појава на пороен дожд и грмежи во одделни подрачја.
Метеоролозите најавуваат стабилизирање на времето од петок, кога ќе започне период на претежно сончево и потопло време. Дневните температури повторно ќе бидат во пораст и насекаде низ земјата ќе надминат 30 Целзиусови степени.
Во Скопје ќе преовладува топло време, но во попладневните часови во одделни делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со дожд, грмежи и засилен северен ветер. Локално се можни и краткотрајни невремиња.
Од УХМР апелираат граѓаните да бидат внимателни за време на нестабилните временски услови. Во случај на појава на електрични празнења, се препорачува да не се престојува на отворен простор и да се избегнува засолнување под осамени дрвја.