Гневот поради уништувањето на заштитените еколошки зони за потребите на глобалната елита се претвори во најголем граѓански бунт во земјата по падот на комунизмот.
Плановите на Иванка Трамп, ќерката на поранешниот американски претседател, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, за изградба на мега-луксузни туристички ресорти на југот на Албанија, предизвикаа бран од незадоволство кој сериозно ја потресе земјата. Протестите, кои веќе добија епитет на „Револуција на фламингоата“, брзо прераснаа од еколошки бунт во масовно граѓанско движење против корупцијата и „трулата олигархиска класа“.
Невладината и непартиска коалиција на граѓани, поддржана од десетици илјади Албанци во земјата и дијаспората, бара итна оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи го дека ги распродава националните природни богатства за интересите на странски инвеститори.
Островот Сазан – од недопрен рај до приватен комплекс
Главна точка на спорот е островот Сазан, поранешна советска воена база, познат по својата недопрена природа. За Албанците, овој остров има длабока емотивна и историска вредност. Изјавата на Иванка Трамп во еден популарен подкаст, каде што се пофали со „неверојатниот проект од огромни размери на Медитеранот“, дополнително го запали револтот кај јавноста. Првичните планови предвидуваат изградба на ресорт со дури 10.000 соби, со што, според критичарите, на локалното население целосно ќе му биде одземен пристапот до островот.
Исто толку критична е состојбата и на копното, поточно во природниот резерват „Пише Поро-Нарта“ на полуостровот Зврнец. Пред три недели, булдожерите почнаа да ги чистат античките дини и шуми за да го подготват теренот за градба. Ова подрачје е едно од последните засолништа на диви птици и преку 70 загрозени видови, вклучувајќи ги и егзотичните фламингоа. Еколозите алармираат дека изградбата на ресортот, во комбинација со новиот меѓународен аеродром во Валона (Влора), ќе претставува „смртоносен удар“ за овој чувствителен екосистем.
„Нашата земја не е на продажба! Оваа влада веќе не го претставува народот, туку олигарсите. Да се дозволи богат пар да дојде, да изгради ресорт и да ни го забрани пристапот до Сазан е вистинско злосторство“, децидни се младите демонстранти од генерацијата З кои секоја вечер протестираат пред владата во Тирана.
Менување закони „преку ноќ“ и реакција од Брисел
Она што дополнително го подгрева сомнежот кај граѓаните е нетранспарентноста на целиот проект вреден 1,4 милијарди евра. Прелиминарното одобрение беше доделено откако албанскиот Парламент по експресна постапка ги измени строгите закони за заштита на еколошките зони. Истражувањата покажуваат дека вистинските инвеститори се сокриени зад сложена мрежа на компании регистрирани во Холандија.
Случајот стигна и до Брисел. Европскиот парламент неодамна донесе резолуција со која ги поддржа протестите и ја повика Владата во Тирана итно да ги запре градежните активности во заштитените подрачја.
Сепак, премиерот Еди Рама одбива да попушти. Тој тврди дека оваа историска инвестиција е „благослов“ кој ќе ја претвори Албанија во најпривлечната луксузна дестинација на Медитеранот и ќе донесе економски развој.
Општествен замор од транзицијата
Протестите во Албанија, земја која речиси нема традиција на силни граѓански бунтови без политички предводници, ги изненадија и властите и меѓународниот фактор. Демонстрантите нагласуваат дека незадоволството одамна ги надминало Иванка Трамп и Џаред Кушнер.
„Поминаа повеќе од 30 години од падот на комунизмот, а нашите болници се во очајна состојба, образованието е катастрофално, нема работни места и сите млади си заминуваат. Луѓето се уморни од неправди, корупција и ‘валкани пари’ од кои корист имаат само неколкумина богаташи“, коментираат учесниците на масовните собири во Тирана.