Киев со крстосувачки ракети го нападна погонот за електроника на системите „Искандер“. Руските власти соопштија дека во нападот има и десетици повредени цивили.
Украинската војска соопшти дека успешно погодила фабрика за производство на софистицирана електроника за ракетни системи во рускиот пограничен регион Воронеж. Од друга страна, гувернерот на оваа руска област извести дека во нападот загинале пет лица, додека десетици се повредени.
Нападот врз градот Воронеж, кој се наоѓа на помалку од 200 километри од украинската граница, е последен во низата координирани удари на Киев насочени против руската одбранбена индустрија, изведени со ракети со долг дострел.
Цел на нападот: „Критична компонента“ за системите „Искандер“
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека во операцијата биле користени крстосувачки ракети лансирани од воздух со цел да се уништи објектот, кој беше опишан како „критична компонента“ во руското воено производство.
„Фабриката произведува специфична електроника што се користи во руските ракети, особено за тактичкиот ракетен систем ‘Искандер’“, се наведува во официјалното соопштение на украинската армија објавено на социјалната мрежа Телеграм.
Роберт Бровди, командант на украинските сили за беспилотни летала, потврди дека неговите единици учествувале во операцијата заедно со другите гранки на војската.
Руски гувернер: Претрпевме исклучително големи загуби
Регионалниот гувернер на Воронеж, Александар Гусев, потврди дека главна мета на нападот било „индустриско претпријатие на левиот брег на реката Воронеж во главниот град на покраината“.
„Денеска претрпевме исклучително големи загуби. Пет лица загинаа, а на неколку десетици им беше укажана лекарска помош. Повеќето од нив се пуштени на домашно лекување“, напиша Гусев на Телеграм.
Гусев додаде дека покрај индустрискиот погон, претрпена е и колатерална штета при што се оштетени десет станбени згради и шест приватни куќи. Претходно, руските власти соопштија дека нивната противвоздушна одбрана уништила неколку проектили над градот, но очигледно дел од нив ја погодиле целта.
Трка со дострелот на ракетите
Изминативе месеци Кјив зачести со нападите врз руските воени производствени погони, особено врз оние кои произведуваат ракетно оружје.
И покрај сè поголемите технолошки можности на Украина, руските воздушни напади сè уште имаат далеку поголем дострел и деструктивна моќ на украинска територија. Дека војната со ракети и дронови се води на двете страни, потврдува и фактот што главниот украински производител на дронови, компанијата „General Cherry“, неодамна призна дека една од нивните фабрики исто така била сериозно погодена во руските рутински гранатирања.