Македонија

Јаневска: Земјоделското училиште во Битола остана со само три запишани ученици, наставниците не покажале ажурност да привлечат нови ученици

Јаневска: Земјоделското училиште во Битола остана со само три запишани ученици, наставниците не покажале ажурност да привлечат нови ученици

Само три ученици се запишале во првиот уписен рок во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола. Бидејќи овој број по закон е недоволен за формирање паралелка, деветтоодделенците ќе мора да се презапишат во друга струка, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на печатените учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, Јаневска вината за ваквата состојба ја лоцираше кај раководството и наставниците во училиштето, кои не покажале ажурност да привлечат нови ученици.

„За жал, нашите предвидувања се покажаа како вистинити. Наставниците не се потрудија да привлечат деветтоодделенци кои ќе учат во ова училиште, кое е најстаро и најреномирано. Во моментов има запишано само три ученици, а станува збор за Пелагонија, каде што земјоделството треба да се развива. Наставниците де факто ги доведоа овие три дечиња во заблуда наместо да направат промоција и сензибилизација“, изјави Јаневска.

Што ќе се случува со струката, каде оди кадарот и зградата?

Министерката појасни дека земјоделската струка во Битола нема да се згасне, туку ќе претрпи организациски промени:

  • Тековна година: Постојните паралелки од втора, трета и четврта година нормално ќе ја завршат наставата во матичниот објект.
  • Следна учебна година: Земјоделската струка комплетно се префрла во Регионалниот училишен центар во Битола.
  • Наставен кадар: Наставниците од „Кузман Шапкарев“ нема да останат без работа, туку ќе бидат префрлени во Регионалниот центар.
  • Училишна зграда: Објектот ќе премине во сопственост на Општина Битола или на државата, а дополнително ќе се одлучува за неговата намена.

Иако денеска се спроведува вториот уписен рок, министерката истакна дека не очекува драстичен пресврт за ова училиште, но потврди дека претходно имала телефонски и директни средби со претставници на училиштето кои тврделе дека тоа им е потребно на граѓаните.

Над 14.500 ученици запишани во првиот рок

Гледано на ниво на целата држава, Јаневска информираше дека запишувањето во средните училишта се одвива според планираното. Во првиот уписен рок веќе се запишани 14.500 ученици, додека во вториот рок се очекува пријавување на уште околу 2.000 ученици, со што речиси целосно ќе се пополни бројот на идни средношколци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни