Казнено-поправната установа (КПУ) Затвор Скопје значително ги унапредува своите безбедносни капацитети. По подолг временски период, установата доби четири службени кучиња од расата белгиски овчар (Малиноа), наменети за потребите и секојдневните задачи на чуварската служба.
Кучињата се доделени како донација и поддршка од страна на Единицата за службени кучиња при Министерството за внатрешни работи (МВР) – Биро за јавна безбедност.
„Оваа поддршка претставува важен чекор во зајакнувањето на безбедноста, подобрувањето на работните услови и зголемувањето на ефикасноста во извршувањето на секојдневните задачи на службите во затворот“, соопштија од Управата за извршување на санкции.
Од затворот во Шуто Оризари изразија јавна благодарност до МВР и Бирото за јавна безбедност за успешната меѓуинституционална соработка, чија примарна цел е подигнување и унапредување на безбедносните стандарди во рамките на затворскиот систем.