Македонски државјанин, осомничен за убиството на Ставрула Левентаки на Крит, дал различни искази за последната средба со жената, што според истрагата станало една од клучните пукнатини во неговата одбрана и ги продлабочило сомнежите на грчката полиција.
Според „Прототема“, 43-годишниот Миско Л. првично им изјавил на истражителите дека Ставрула дошла во неговиот дом на 29 мај, носејќи кеси и неколку јајца. „Ја видов на денот кога исчезна. Дојде околу 16:45 часот и остана две до три минути“, рекол тој во првиот исказ.
Подоцна, меѓутоа, истражителите утврдиле дека видеоснимка ја прикажува Ставрула како се упатува кон неговиот дом на 30 мај, а не ден претходно. По ова откритие, осомничениот ја смени верзијата и изјавил дека средбата навистина се случила на 30 мај, опишувајќи дека таа му се јавила по телефон и побарала да ѝ однесе јајца во семејната куќа.
Дополнителни сомнежи предизвикале и фотографиите од истрагата на кои неговото синово комбе е забележано во областа Мурниес на денот кога жената исчезнала. Истражителите откриле и уште една противречност: во првиот исказ осомничениот тврдел дека по средбата со Ставрула останал дома до крајот на денот и не излегол никаде, а два дена подоцна кажал дека вечерта сепак го зел синовото комбе и отишол до местото каде што ги чувал кокошките. Овие разлики, заедно со видеоснимките и сведочењата, ги зајакнале сомнежите на грчката полиција.
Во меѓувреме, сопругата на осомничениот останува на ставот дека нејзиниот сопруг нема врска со злосторството. „Сигурна сум дека е невин. Го поддржувам и тоа до смрт“, изјави таа за телевизијата „Мега“, додавајќи дека Ставрула Левентаки била „чудна жена“ и тврдејќи дека станува збор за заговор против нејзиниот сопруг.
Случајот со недели ја бранува грчката јавност. Осомничениот македонски државјанин живеел како потстанар во имотот на Ставрула Левентаки и првично негирал поврзаност со нејзиното исчезнување. Според досегашните информации од истрагата, подоцна признал дека ја убил 45-годишната жена, а нејзиното тело било пронајдено закопано во нива недалеку од Ханија. Според првичните наоди, таа имала повреди во пределот на градниот кош и удар во главата нанесен со тврд предмет.