Со порака дека државата денес има поцврста меѓународна позиција и поразвиена дипломатска мрежа, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски ги претстави резултатите од работата на Министерството во изминатите две години.
На прес-конференција посветена на двегодишниот мандат, Муцунски истакна дека институцијата работела со јасно дефинирани цели насочени кон зајакнување на меѓународните партнерства, подобрување на надворешнополитичката позиција на државата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните.
Тој нагласи дека надворешната политика останала доследна на своите клучни определби – развивање на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, усогласување со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и активно учество во НАТО.
Според министерот, во изминатиот период биле реализирани повеќе од 110 официјални посети во странство и над 400 средби со меѓународни претставници, од кои повеќе од 210 билатерални состаноци со државници, министри и високи функционери. Воедно, земјава била домаќин на над 40 европски и светски лидери и претставници на меѓународни организации.
Осврнувајќи се на европските интеграции, Муцунски ја потврди посветеноста на Владата кон реформите и напредокот на европскиот пат. Тој потсети на потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, како и на финансиската поддршка добиена преку Планот за раст за Западен Балкан.
Како што посочи, Европската комисија ставила на располагање 65,7 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, со што вкупната поддршка за државата во рамките на Планот за раст достигнала 142,1 милиони евра.
Министерот говореше и за унапредувањето на односите со клучните партнери, истакнувајќи дека државата била првата европска земја која одржала сесија на стратешки дијалог со новата американска администрација. Дополнително, биле потпишани договори за стратешка соработка со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, како и меморандум за соработка со Обединетите Арапски Емирати.
Во делот на мултилатералната дипломатија, Муцунски ги издвојува членството во Советот за човекови права на Обединетите нации, членството во ЕКОСОК, реизборот во Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје и завршувањето на постмониторинг-процедурата во Советот на Европа.
На крајот од обраќањето, министерот порача дека надворешната политика треба да остане област на национален консензус и долгорочен државен интерес, нагласувајќи дека иднината на државата бара континуитет во градењето на безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја.