Фондот за пензиско и инвалидско осигурување испрати порака до пензионерите дека нема место за загриженост по објавувањето на ревизорскиот извештај за работењето на институцијата во 2024 година. Од ПИОМ нагласуваат дека исплатата на пензиите се одвива редовно, а здравствените права на пензионерите остануваат целосно заштитени.
Во соопштението се истакнува дека функционирањето на пензискиот систем не е доведено во прашање и дека актуелното раководство останува посветено на обезбедување стабилност и сигурност за сите корисници на пензии.
Од Фондот потенцираат дека пензионерите непречено ги користат здравствените услуги и нема никакви пречки во остварувањето на правата од здравственото осигурување.
Реакцијата следува по објавувањето на конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија, кој го опфаќа работењето на ПИОМ во текот на 2024 година. Од институцијата посочуваат дека најголемиот дел од ревидираниот период се однесува на време кога со Фондот управувало претходното раководство.
„Во првите девет месеци од 2024 година со Фондот раководеше менаџмент именуван во периодот на претходната влада, додека актуелното раководство ја презеде институцијата во последниот квартал од годината“, наведуваат од ПИОМ.
Според Фондот, значителен дел од констатираните забелешки се однесуваат на постапки, административни процеси и договори реализирани во тој период. Оттаму тврдат дека во меѓувреме се преземени конкретни мерки за подобрување на работата, особено во делот на јавните набавки и внатрешната администрација.
Од ПИОМ уверуваат дека слабостите нотирани во ревизијата веќе се надминати и дека новите механизми воспоставени кон крајот на 2024 година и во текот на 2025 година значително го намалуваат ризикот од повторување на истите состојби во иднина.
Фондот повторно нагласува дека финансиската стабилност, навремената исплата на пензиите и обезбедувањето на сите законски права на пензионерите остануваат меѓу главните приоритети на институцијата.