Македонија отвора нова страница во дигиталниот развој со промоцијата на првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“. Проектот, кој е вреден 6,5 милиони евра, се смета за стратешки чекор кон долгорочна дигитална трансформација на земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова е инвестиција од стратешко значење која ќе ја позиционира државата на глобалната технолошка мапа.
„’Везилка’ претставува инвестиција во знаење, во луѓе и во капацитетот на Македонија да биде дел од европските и глобалните технолошки текови“, изјави премиерот Мицкоски.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека центарот е историски чекор кој има за цел да изгради траен и одржлив систем, наместо да се потпира на поединечни и краткорочни проекти.
Поддршка за проектот пристигна и од Брисел. Евроамбасадорот Михалис Рокас посочи дека оваа „национална фабрика“ за вештачка интелигенција е клучно поглавје на патот кон дигитализацијата, со кое земјата се приближува до технолошките иницијативи на Европската Унија.