Свет

„Невообичаена закана“: Трамп ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан

„Невообичаена закана“: Трамп ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан

Соединетите Американски Држави ја продолжија за уште една година националната вонредна состојба поврзана со Западниот Балкан, оценувајќи дека активностите кои ги загрозуваат мирот, стабилноста и демократското управување во регионот и понатаму претставуваат закана за американската национална безбедност и надворешна политика.

Во претседателскиот документ објавен на 24 јуни се наведува дека постапките на поединци и групи кои им се закануваат на мирот, меѓународните напори за стабилизација на регионот, како и активностите кои го кочат демократскиот развој и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот Балкан, и понатаму претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД.

Вонредната состојба за првпат ја прогласи американскиот претседател Џорџ В. Буш на 26 јуни 2001 година со извршната уредба 13219, со која се овозможи замрзнување на имотот на лица и организации кои ја загрозуваат стабилноста на регионот.

Мерката се однесуваше на актери поврзани со екстремистичко насилство во тогашна Македонија, опструкција на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН за Косово.

Поткопување на мировните договори, корупција…

Уредбата беше проширена во 2003 година за да ги опфати и активностите кои го попречуваат спроведувањето на Охридскиот договор во Северна Македонија, а дополнително беше проширена во 2021 година со извршна уредба на претседателот Џо Бајден. Тогаш меѓу причините беа наведени поткопувањето на повоените договори и институции настанати по распадот на поранешна Југославија, како и широко распространетата корупција која го отежнува демократскиот развој и интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.

На почетокот на 2025 година беше донесена нова извршна уредба со која се опфатени обидите за загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западниот Балкан, поткопувањето на мировните договори, сериозната корупција и избегнувањето на американските санкции.

Кој е под вонредни мерки?

Американските извршни уредби не наведуваат конкретни имиња на поединци или организации, туку обезбедуваат правна рамка за воведување санкции на лица, компании и други субјекти за кои Вашингтон ќе процени дека делуваат против стабилноста и демократскиот развој на регионот.

Мерките се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни