Електричните тротинети ќе бидат ставени под построга контрола доколку бидат усвоени предложените измени во Законот за безбедност во сообраќајот. Новите правила предвидуваат ограничување на возраста, брзината и задолжителна заштитна опрема за корисниците.
Според предлог-законот, електрични тротинети ќе смеат да управуваат само лица над 18 години, а максимално дозволената брзина ќе биде ограничена на 20 километри на час. Дополнително, носењето кацига ќе биде задолжително за сите корисници.
Предвидено е тротинетите првенствено да се движат по велосипедски патеки, а доколку нема таква можност – по тротоари со значително намалена брзина до 6 километри на час.
Со измените ќе бидат забранети повеќе ризични начини на управување, меѓу кои возење во пар, возење без раце, движење на едно тркало, како и користење тротинет под дејство на алкохол.
За прекршувањата се предвидени построги санкции, со парични казни кои би се движеле од 100 до 275 евра, а во одредени случаи и привремено одземање на средството до 30 дена.
Предлог-измените беа разгледани во Собранието, но седницата на Комисијата за одбрана и безбедност беше прекината поради потреба од дополнителни консултации со надлежното министерство.
Потребата од построга регулација доаѓа поради зголемениот број сообраќајни незгоди. Според податоците презентирани во Собранието, од 2024 година до мај 2026 година се евидентирани повеќе од 2.300 несреќи во кои учествувале корисници на мопеди, мотоцикли и електрични тротинети.
Во овие несреќи имало 46 загинати лица и голем број тешко повредени, а над 70 проценти од повредените биле малолетници.