Македонија

Анима Мунди бара итно затворање на ЗОО Скопје по бегството на волците и угинувањето на животни

Анима Мунди бара итно затворање на ЗОО Скопје по бегството на волците и угинувањето на животни

Информациите дека волци избегале од своето живеалиште во скопската Зоолошка градина и усмртиле неколку животни предизвикаа остри реакции од здружението за заштита на животните Анима Мунди. Оттаму бараат итно затворање на ЗОО Скопје, спроведување независен инспекциски надзор и целосна истрага за инцидентот.

Од здружението повикуваат да се изврши детална проверка на сите живеалишта, огради, кафези и безбедносни системи во Зоолошката градина, а резултатите од инспекцијата да бидат јавно објавени.

Активистите бараат да се утврди како дошло до бегството на волците, кој е одговорен за пропустите и како било дозволено да бидат усмртени четири кенгури и неколку птици. Дополнително, тие предлагаат да се воведе мораториум за размножување и внесување нови животни сè додека не се обезбедат услови што ги исполнуваат потребните стандарди.

Во своето соопштение, Анима Мунди повторно ја истакнува иницијативата Зоолошката градина во Скопје да биде трансформирана во спасувачки и рехабилитациски центар за животни.

Како доказ за, според нив, несоодветните услови, здружението објави видеоснимка на која се гледа како волците се обидуваат да излезат од живеалиштето на дел каде што оградата е импровизирано заштитена со мрежа.

„Оградата на живеалиштето на волците не остава впечаток на безбедносен систем соодветен за чување диви животни. Напротив, отвора сериозни сомнежи дали воопшто биле обезбедени минималните стандарди за заштита и спречување на бегство. Безбедноста на диви животни не смее да се обезбедува со импровизација, не смее да зависи од среќа и не смее да се правда со молк. Вината не е само на сегашниот директор, состојбата опстојува во континуитет“, наведуваат од Анима Мунди.

Според неофицијалните информации објавени во медиумите, белите волци минатиот викенд ископале дупка под оградата на своето живеалиште, по што избегале и нападнале неколку кенгури и птици. Вработените, според истите информации, успеале да ги вратат назад дури по неколку часа.

Од Зоолошката градина во Скопје засега нема официјално соопштение за случајот. Без одговор остануваат прашањата кога точно се случил инцидентот, дали во тој момент имало посетители во градината, како се обезбедени волците и дали живеалиштето е санирано по бегството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни