Македонија

„Маршот на ангелите“ продолжува: Во сабота 46. протестен марш во Кочани

„Маршот на ангелите“ продолжува: Во сабота 46. протестен марш во Кочани

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ најави дека в сабота, 27 јуни, ќе се одржи 46. „Марш на ангелите“ во Кочани, со кој семејствата и граѓаните повторно ќе побараат вистина, правда и одговорност за трагедијата во која животот го загубија 63 лица.

Маршот ќе започне во 18:05 часот од Паркот на Револуцијата во Кочани.

Од здружението порачуваат дека, и покрај високите температури и изминатото време, нивната решеност да се борат за правда останува непроменета.

„Ништо не може да ја скрши нашата волја и нашата борба за правда – ниту пеколните горештини, ниту времето што поминува. За нашите 63 ангели нема одмор од љубовта, нема одмор од сеќавањето и нема откажување од барањето за вистина и одговорност“, наведуваат од здружението.

Во соопштението се осврнуваат и на текот на судската постапка, оценувајќи дека случувањата во судницата не ги обесхрабруваат.

„Она што деновиве го гледаме во судницата – расправи, провокации и обиди вниманието да се оддалечи од суштината – не нè обесхрабрува. Напротив, ни е дополнителна мотивација уште погласно и поистрајно да бараме вистина и правда“, порачуваат од „16-ти Март 2025“.

Од здружението упатија повик до граѓаните да им се придружат на маршот, истакнувајќи дека секој чекор претставува спомен за загинатите и порака дека нивната борба за правда нема да престане.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни