Министерството за култура и туризам ги отфрли како неточни и тенденциозни наводите изнесени во соопштението на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), во кое се тврди дека повеќе од една година не се воделе преговори со синдикалните претставници.
Од Министерството наведуваат дека пред една година формирале работна група во која учествувале претставници на двата репрезентативни синдикати – СКРМ и СОНК – со цел разгледување на прашањата поврзани со Колективниот договор за културата.
Според Министерството, работната група одржала два состанока, по што, како што тврдат, синдикатите одбиле понатамошни разговори. Посочуваат дека за состаноците постојат записници и нагласуваат дека институцијата останува отворена за социјален дијалог.
Во реакцијата се наведува и дека по одлуката на Уставниот суд да ја оценува уставноста и законитоста на Колективниот договор, Министерството иницирало нови средби со синдикалните претставници. На состанокот од 15 април, покрај министерот Зоран Љутков, присуствувале претставници на Министерството, двата синдикати и нивниот правен застапник, при што се разговарало за можните решенија по настанатата ситуација.
Министерството додава дека во мај се одржала и средба со претседателот на Владата, а потоа следувал уште еден состанок пред официјалното објавување на решението на Уставниот суд.
По објавувањето на решението во „Службен весник“, Министерството информира дека документот бил доставен до синдикатите по електронски пат и била закажана нова средба, одржана на 12 јуни. На состанокот, според Министерството, било договорено синдикатите да се консултираат со своето членство и да достават предлози, а следната средба е закажана за 2 јули.
Од Министерството потенцираат дека разговорите не се водат само поради постапката пред Уставниот суд, туку и затоа што Колективниот договор за културата е со истечена важност повеќе од четири години, поради што, како што наведуваат, е потребно да се постигне ново законски одржливо решение преку социјален дијалог.
Во реакцијата се отфрлаат и тврдењата дека Министерството настојува да го укине Колективниот договор или дека има влијание врз постапката пред Уставниот суд. Оттаму истакнуваат дека не се подносители на иницијативата, немаат законска надлежност да укинуваат колективни договори и ја почитуваат независноста на судската власт.
Министерството наведува дека е подготвено да соработува и во постапката што СКРМ ја води пред Меѓународната организација на трудот, како и да одговори на сите барања поврзани со случајот.
Во соопштението се нагласува дека Министерството останува посветено на конструктивен дијалог, почитување на законските процедури и изнаоѓање решение во интерес на вработените во културата. Воедно, од институцијата повикуваат јавната комуникација да се темели на факти, а не на шпекулации и политички квалификации.