На 43-годишниот македонски државјанин М.Л. денеска му е одредена мерка притвор по заедничка одлука на истражниот судија и јавниот обвинител во градот Ханија на Крит. Тој се товари за убиство со умисла на неговата 45-годишна газдарица, Ставрула Левендаки, пренесува МИА.
Пред истражните органи, обвинетиот му се извинил на семејството и тврдел дека делото не било испланирано, туку се случило по расправија. Убиството било извршено уште на 30 мај, денот кога жената исчезнала откако го посетила за да наплати кирија, но случајот бил пријавен во полиција со десет дена задоцнување.
Соочен со цврсти докази, М.Л. во неделата го признал делото и ја открил локацијата каде што го закопал телото – земјоделска парцела кај Ханија, каде полицијата го пронашла трупот завиткан во кеси.
Овој случај предизвика силен одек во грчката јавност, бидејќи сторителот со денови глумел невиност, давал изјави за медиумите и ја префрлал вината на други лица. Македонскиот државјанин ќе остане во притвор до почетокот на судењето.