Македонија

Во Градскиот базен во Тетово воведени термини само за жени и девојки, од општината велат така сакале граѓаните!

Во Градскиот базен во Тетово воведени термини само за жени и девојки, од општината велат така сакале граѓаните!

Градскиот покриен базен во Тетово, кој по завршувањето на учебната година ги отвори вратите за сите граѓани, воведе посебни термини наменети исклучиво за жени и девојки, објави порталот СДК.МК.

Овие термини се резервирани во среда и сабота, во периодот од 08:30 до 12:00 часот.

Oваа одлука за полова сегрегација – пракса која е карактеристична главно за некои конзервативни муслимански земји – наиде на контроверзни реакции во јавноста, но локалните власти тврдат дека постапиле по барање на самите жители.

„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните односно граѓанките од Тетово“, изјави Назми Даути, раководител на секторот за Јавни дејности на Општина Тетово за СДК.МК.

Засега нема никаква реакција од Советот на Општина Тетово, каде што мнозинството го предводи коалицијата „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е единствениот базен од ваков тип во градот, додека во околните тетовски села постојат уште неколку други. Според објавената летна шема, базенот работи од понеделник до петок од 08:30 до 16:30 часот, а за време на викендите од 09:00 до 21:00 часот. Во текот на учебната година објектот е интегриран во образовниот процес и е наменет исклучиво за учениците, додека во лето е отворен на комерцијална основа за сите граѓани.

Iзградбата на овој покриен базен започна во 2020 година со средства од тогашната Агенција за млади и спорт, како дел од државниот проект за изградба на 14 базени ширум земјата. Овој објект, кој чинеше околу 50 милиони денари (над 800.000 евра), беше првиот комплетно завршен од тој проект.

Иако тогашната градоначалничка Теута Арифи формално го пушти во употреба кон крајот на 2021 година, тој не профункционира веднаш бидејќи се чекаше поставување соларен систем за загревање на водата. Базенот официјално започна со работа во јули 2022 година, кога лентата повторно ја пресече актуелниот градоначалник Билал Касами.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни