Македонија

Ѓорѓиевски: Вардариште полека заминува во историјата, на негово место ќе никне мега-парк

Ѓорѓиевски: Вардариште полека заминува во историјата, на негово место ќе никне мега-парк

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека со интензивно темпо продолжуваат работите за затворање на депонијата Вардариште, која со децении важи за една од најголемите еколошки црни точки во главниот град.

Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски истакна дека процесот на одгасување на депонијата се одвива според предвидената динамика и во согласност со проектот.

„На терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од сериозниот и системски пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем. Ова е почеток на нова приказна за Скопје“, напиша градоначалникот.

Тој најави дека по завршувањето на сите активности, просторот на поранешната депонија ќе биде целосно трансформиран во голем парк, кој ќе претставува ново зелено јадро на градот.

„Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе има зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации. Скопје заслужува чиста животна средина, уредени јавни простори и проекти што се реализираат“, порача Ѓорѓиевски.

Според него, со реализацијата на проектот, Вардариште конечно ќе стане дел од минатото, а Скопје ќе добие нов јавен простор наменет за рекреација и подобар квалитет на живот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни