Сообраќајниот метеж на јужната граница повторно ескалира. Од вчера попладне на граничниот премин Богородица, на влез во Македонија, се формираа многу долги колони возила.
Според сведоштва на патници, процедурите се одвиваат бавно, а чекањето на пасошка контрола достигнува и до четири часа. Колоните од автомобили, автобуси, кампери и мотоцикли го блокираат меѓуграничниот простор.
Во спротивниот правец, кон излез од државата и влез во Грција, сообраќајот во моментов е помалку оптоварен и без поголеми задржувања, за разлика од претпладневните часови.
Поради силното јуниско сонце и високите температури, а имајќи предвид дека меѓу патниците има многу семејства со мали деца, се апелира возачите редовно да ја следат состојбата преку Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Како препорака се наведува патувањата да се планираат во доцните вечерни часови, кога, иако времето на чекање веројатно ќе остане слично, ќе се избегнат екстремно високите дневни температури.
Според проценките на терен и искуствата од претходните викенди на почетокот на летната сезона, критичната состојба на Богородица веројатно ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Големиот прилив на патници кои се враќаат во земјава или транзитираат кон север по продолжените викенди создава постојан притисок врз граничните служби.
Патниците се советуваат да понесат доволни количини вода, да покажат трпение во сообраќајниот шпиц и, доколку имаат можност, уште на почетокот на патувањето да се пренасочат кон алтернативни и помали гранични премини, каде што фреквенцијата на возила традиционално е пониска.