И покрај тоа што според последните податоци на Евростат Македонија има најниско ценовно ниво на основната потрошувачка кошничка во Европа, Владата ќе продолжи со активности за дополнително намалување на цените на храната, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека статистиката на Евростат е потврда дека земјата бележи напредок, но истакна дека тоа не значи дека Владата ќе се откаже од напорите за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Евростат објави дека основната потрошувачка кошничка во Македонија е убедливо најевтина во Европа и изнесува околу 49,7 проценти од европскиот просек. Дали е тоа доволно? Не е. Но, овие податоци ги демантираат сите кои не сакаат Македонија да успее“, изјави Мицкоски.
Премиерот информираше дека Владата спроведува детална анализа на околу 600 до 700 производи кои се дел од статистичката потрошувачка кошничка, со цел да се утврди каде има простор за дополнително намалување на цените.
„Ако треба, ќе анализираме фактура по фактура и производ по производ. Ова е темелна операција што лично ја водам и очекувам наскоро да даде конкретни резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните“, рече тој.
Изјавата Мицкоски ја даде при пуштањето во употреба на нова детска градинка во населбата Трубарево, во Општина Гази Баба.
Минатата недела Владата одржа средба со претставници на најголемите синџири маркети, на која беше поставена цел годишниот раст на цените на основните прехранбени производи во јули да биде под три проценти. Во наредниот период се најавени разговори и со производителите и дистрибутерите, додека Државниот пазарен инспекторат ќе изврши споредбена анализа на набавните и продажните цени на истите производи за мај 2025 и мај 2026 година, со цел да се утврдат причините за растот на цените.