По усвојувањето на новиот Закон за игри на среќа и забавни игри во Собранието, Здружението на вработени во секторот „Сакам да работам“ побара од претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот за негово стапување во сила.
Од здружението велат дека се разочарани од одлуката на пратениците, оценувајќи дека нивните предупредувања и барања останале без одговор.
„Изгласувањето на законот, и покрај нашите забелешки, е јасна и сурова порака за нас вработените. Веројатно не сме подобни за вниманието кое го бараме од надлежните институции“, се наведува во соопштението.
„Сакам да работам“ тврди дека новите законски решенија ќе доведат до постепено губење на околу 10.000 работни места во наредните две години и предупредува на можни економски и социјални последици.
Според здружението, затворањето на легалните објекти за игри на среќа може да придонесе за развој на нелегалниот пазар и да ја намали контролата на државата врз оваа дејност.
Во реакцијата се наведува и дека вработените ќе ги искористат сите демократски и правни механизми за заштита на своите работни места, а доколку, како што велат, почнат да се чувствуваат последиците од законот, најавуваат и масовни протести.
„Ние не сме печалбари во сопствената земја. Нема мирно да седиме кога некој намерно не нè брка во странство“, порачуваат од здружението.
На крајот од соопштението, „Сакам да работам“ упати јавен апел до претседателката Силјановска Давкова да не го потпише указот за Законот за игри на среќа и забавни игри, оценувајќи дека на тој начин може да се спречи, како што наведуваат, „социјална бомба“.