Премиерот Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи ја обвини опозицијата дека го блокира усвојувањето на Изборниот законик и оцени дека зад таквите потези стои страв од позитивните оценки што, како што наведе, Македонија ги добива од Европската комисија.
Според Мицкоски, оние што во минатото ја „краделе, распродавале и понижувале Македонија“, сега се обидуваат да го попречат напредокот на државата. Тој изрази уверување дека земјава повторно ќе биде меѓу најуспешните во регионот според извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите од Западен Балкан и дека ќе обезбеди најмногу буџетски средства и пристап до европски фондови.
Премиерот посочи дека Изборниот законик бил усогласуван со месеци и дека Владата ги прифатила сите предлози на опозицијата, барајќи за возврат само воведување можност македонската дијаспора да гласа по електронски пат на следните претседателски избори.
„Прво го прифатија тоа решение, а денес го блокираат и бараат бледи алиби-аргументи“, напиша Мицкоски.
Тој ја повика опозицијата да предложи амандмани кои се однесуваат на начинот на заокружување и поднесување приговори, уверувајќи дека Владата веднаш ќе ги прифати, но побара да се повлечат останатите амандмани за да може Изборниот законик да биде изгласан.
Во објавата Мицкоски истакна дека македонската дијаспора заслужува можност да учествува на изборите по електронски пат, оценувајќи дека тоа е чекор што одговара на современите технолошки достигнувања.
На крајот, премиерот упати порака дека опозицијата има можност да покаже вистинска посветеност на европската иднина на државата преку поддршка на реформите, а не преку, како што наведе, политички блокади.