Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го заврши својот историски настап на Вимблдон уште во првото коло, откако беше поразена од фаворизираната Американка Аманда Анисимова со 2:0 во сетови.
Натпреварот траеше околу еден час, а Анисимова, која важеше за голем фаворит, славеше со 6:3 и 6:2.
Ѓорческа се обиде да му парира на силниот противник и во текот на мечот покажа борбеност, но не успеа да го пронајде решението за расположената Американка, која без поголеми проблеми обезбеди пласман во следната рунда.
И покрај елиминацијата, настапот на Ѓорческа претставува голем успех за македонскиот тенис. Таа стана првата македонска тенисерка што настапила во главниот турнир на еден Гренд слем, испишувајќи нова страница во спортската историја на земјава.
Дебито на најпрестижниот тениски турнир во светот ќе остане значајно достигнување во кариерата на Ѓорческа и силен поттик за идните генерации македонски тенисери.