Движењето ЗНАМ го презема Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со кое ќе раководи досегашниот државен секретар Борче Серафимовски. Ова попладнево на прес-конференција го соопшти лидерот на партијата, Максим Димитриевски, по повод претстојната владина реконструкција.
Димитриевски најави дека партијата во септември ќе добие уште едно дополнително, како што го нарече, влијателно заменик-министерско место.
Во однос на кадровските решенија, тој информираше дека Горан Минчев останува на чело на Министерството за јавна администрација, а упати и јавна благодарност до министерот за правда, Игор Филков, за неговиот досегашен професионален интегритет и посветеност. Лидерот на ЗНАМ потенцираше дека партијата и понатаму останува стабилен и посветен партнер во владината коалиција.