Надлежните институции истражуваат случај на масовно труење со храна во прилепската компанија „Микросам“, откако десетици вработени пријавиле здравствени тегоби по консумирање оброк обезбеден преку кетеринг.
Според информациите од Центарот за јавно здравје – Прилеп, од вкупно 61 вработен од првата смена кои го јаделе оброкот во понеделникот, кај 41 лице се појавиле симптоми на труење. Од нив, 27 побарале медицинска помош на Инфективното одделение во прилепската болница.
Епидемиологот Татијана Станимировиќ информира дека сите пациенти имале средно тешка клиничка слика, со покачена телесна температура, мачнини, дијареа и болки во стомакот. Засега никој од нив не е задржан на болничко лекување, туку по добиената терапија се пуштени на домашно лекување.
По пријавениот случај, Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство извршиле вонреден инспекциски надзор и во компанијата и во фирмата која ја подготвувала и доставувала храната.
Како превентивна мерка, затворена е кујната на кетеринг-компанијата, како и трпезаријата во „Микросам“, каде што бил послужен спорниот оброк.
Надлежните институции сè уште ги очекуваат резултатите од лабораториските анализи, кои треба да покажат што го предизвикало труењето и на кој начин дошло до контаминација на храната.