Македонија

Вчерашното невреме целосно го уништи книжевниот центар Антолог: 27 годишниот труд на генерации е помножен со нула

Вчерашното невреме целосно го уништи книжевниот центар Антолог: 27 годишниот труд на генерации е помножен со нула

Книжевниот центар „Антолог“ соопшти дека претрпел огромни и речиси целосно неповратни штети по вчерашното силно невреме што го зафати Скопје и подрачјето на Кисела Вода, при што биле поплавени нивните магацински простории.

Од таму велат дека објектот и целиот инвентар се сериозно уништени, при што, како што наведуваат, се изгубени десетици илјади книги, возило, техника и речиси целата опрема со која функционирале.

„‘Антолог’ каков што го познавате и го сакавте – повеќе не постои“, стои во нивното соопштение, во кое се додава дека штетата е и материјална и емотивна, поради 27-годишната работа и вложување на генерации вработени и соработници.

Од издавачката куќа велат дека проблемите биле предизвикани од силното невреме и несоодветната или непостоечка канализациска инфраструктура, што довело до брзо и целосно поплавување на просториите.

Во потресното обраќање се наведува дека со часови се чекала помош додека водената стихија го уништувала нивниот труд, при што, како што велат, е изгубено минатото, сегашноста и иднината на издавачката куќа.

„Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени“, стои во реакцијата на „Антолог“.

Оттаму изразија благодарност до Министерството за внатрешни работи и до сите граѓани кои се обиделе да помогнат на терен, посочувајќи дека биле сведоци на сцени што, како што велат, никој не би сакал да ги доживее.

„Господ напомош!“, завршува соопштението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни