Зајакнувањето на билатералните односи и стратешката соработка меѓу Скопје и Вашингтон беше во фокусот на денешната средба на високо ниво во Министерството за надворешни работи.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Никол Варнес.
На средбата, Муцунски упати честитки по повод 250-годишнината од независноста на САД, оценувајќи дека овој јубилеј претставува симбол на институционален континуитет, демократска стабилност и вредносна посветеност.
Соговорниците ја потврдија посветеноста на натамошно унапредување на македонско-американското стратешко партнерство, кое се темели на доверба, заеднички вредности и долгорочни стратешки интереси.
Во рамки на разговорите беше посветено внимание и на претстојниот Самит на НАТО во Анкара, при што двете страни ја потврдиле важноста од доследна имплементација на заклучоците усвоени на претходниот самит во Хаг.
Дополнително, беа разгледани и следните чекори во спроведувањето на приоритетите од Втората сесија на Стратешкиот дијалог одржана во април 2026 година, со посебен акцент на конкретни иницијативи и зајакнување на институционалната соработка.