Македонија

За една година од македонските пруги украдени речиси половина милион евра – најмногу исчезнува бакарот

За една година од македонските пруги украдени речиси половина милион евра – најмногу исчезнува бакарот

Речиси половина милион евра изнесува проценетата штета од кражбите на железничката инфраструктура во земјава во текот на 2025 година, покажува годишниот извештај на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, на кој се повикува медиумот Фактор.

Според документот, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година биле евидентирани кражби во вкупна вредност од 28,67 милиони денари, односно 446.197 евра.

„Со тоа се нарушува стабилноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај на пругите на територијата на Република Северна Македонија“, се наведува во извештајот.

Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, потврдува дека кражбите и натаму се сериозен проблем, иако оваа година бројот на ваквите случаи е намален за околу 80 проценти. Тој посочува дека најчеста мета е бакарот, кој е клучен за сигнализацијата и директно ја загрозува безбедноста на железничкиот сообраќај. Ангажирана е и агенција за обезбедување за околу шест милиони денари, но практично е невозможно да се обезбеди секој километар од пругата.

Во извештајот се наведува и дека загубата на „Македонски железници – Инфраструктура“ во 2025 година достигнала 267 милиони денари, што претставува зголемување од 41,5 проценти во споредба со претходната година. Најголем дел од финансиските проблеми произлегуваат од ненаплатените побарувања од „ЖРСМ Транспорт“, единствениот железнички оператор, кој должи 236 милиони денари, плус околу 70 милиони денари камати.

Дополнително, вкупните ненаплатени побарувања достигнале 412,75 милиони денари, што е раст од 127,7 проценти на годишно ниво. Јавното претпријатие има и доспеан долг од околу 80 милиони евра кон Министерството за финансии, кое како државен гарантор ги сервисира обврските по меѓународните кредити за изградба на новите железнички делници, главно на Коридорот 8.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни