Апелацискиот суд во Скопје донесе правосилна одлука со која ја потврди затворската казна од 12 години изречена за Стојанче Јовановски, откако ја оцени неговата жалба како неоснована.
Од Судот информираат дека по разгледување на предметот и одржувањето јавна седница, била потврдена пресудата што во мај годинава ја донесе Основниот кривичен суд Скопје.
Според правосилната пресуда, Јовановски е прогласен за виновен бидејќи по долгогодишно семејно насилство ги навел својата сопруга Ивана и нивната ќерка Катја да скокнат од балкон.
Против него се водеше постапка за кривичните дела семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.
Со одлуката на Апелацискиот суд, првостепената пресуда е целосно потврдена и станува правосилна.