Македонија

ЦУК: Два активни пожари на отворено, еден ставен под контрола

ЦУК: Два активни пожари на отворено, еден ставен под контрола

Пожарникарските екипи и денеска интервенираат на повеќе локации низ земјава, откако до 13 часот се регистрирани четири пожари на отворен простор. Според информациите од надлежните служби, два пожара сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а еден целосно е изгаснат.

Активен е пожарот во велешкото село Црквино, каде што гори деградирана ниска вегетација. На терен се ангажирани пет пожарникари со две противпожарни возила кои работат на локализирање на огнот.

Вториот активен пожар е во атарот на прилепското село Царевиќ, каде што е зафатена ниска вегетација во шумски предел. Кон местото на настанот се упатени екипи на Територијалната противпожарна единица од Прилеп.

Под контрола е ставен пожарот во општина Карбинци, во близина на селото Нов Караорман, каде што гореле жито и деградирана ниска вегетација.

Во меѓувреме, целосно е изгаснат пожарот во селото Кучково, во скопската општина Ѓорче Петров, каде што биле зафатени површини со деградирана ниска вегетација. Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не палат оган на отворено, особено во услови на високи температури и засилен ризик од пожари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни