На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се лабораториски потврдени два случаи на западнонилска треска, информира директорот д-р Фадил Цана.
Двајцата пациенти се хоспитализирани и се наоѓаат под постојан медицински надзор, при што се третираат согласно современите медицински протоколи. Засега нема информации за тоа каде се заразиле.
„Нивната здравствена состојба внимателно се следи“, изјави д-р Цана.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од инфицирани комарци. Најголем дел од заразените лица немаат симптоми или развиваат лесна клиничка слика, но кај мал процент пациенти, особено кај повозрасни лица и лица со ослабен имунитет, може да настанат сериозни невролошки компликации.
Од Клиниката за инфективни болести апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од комарци, како што се користење репеленти, носење долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојана вода во која се размножуваат инсектите.
Иако, како што наведуваат од Клиниката, во моментов нема причина за паника, сепак се препорачува зголемена внимателност во летниот период, кога активноста на комарците е најголема. Граѓаните кои по убод од комарец ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми, треба веднаш да побараат медицинска помош.