Свет

Авион со пет лица исчезна во близина на Карачи во Пакистан

Авион со пет лица исчезна во близина на Карачи во Пакистан

Интензивна потрага е во тек по товарен авион што исчезна од радарите во близина на пакистанскиот град Карачи, додека судбината на петчлениот екипаж сè уште е непозната. Спасувачките служби ги пребаруваат водите на Арапското Море во обид да пронајдат траги од леталото.

Според пакистанската Управа за цивилно воздухопловство, контактот со авионот бил изгубен синоќа, по што веднаш била започната обемна спасувачка операција. Засега не се познати причините за исчезнувањето, а истрагата е во тек.

Станува збор за товарен авион „Боинг 737“, во сопственост на компанијата „K2 Airways“ од Карачи, кој извршувал редовен лет од Шарџа во Обединетите Арапски Емирати кон Карачи.

Според првичните информации, екипажот во 21:18 часот по локално време пријавил проблем со навигацискиот систем. Само неколку минути подоцна, копнените радари регистрирале нагло губење на височината и неочекувана промена на курсот, пред авионот целосно да исчезне од радарите околу 21:21 часот. Во истиот момент бил прекинат и радио-контактот.

Последната позната позиција на леталото била на околу 155 наутички милји, односно приближно 287 километри западно од Карачи, над водите на Арапското Море.

Во потрагата се вклучени повеќе спасувачки екипи, кои се обидуваат да пронајдат остатоци од авионот или какви било информации за петтемина членови на екипажот. Надлежните институции засега не соопштуваат дали постојат индиции за причините за несреќата, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на спасувачката операција и официјалната истрага.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни