Македонија

Потврдена салмонела кај 44 вработени во прилепски „Микросам“ по оброк од кетеринг

Потврдена салмонела кај 44 вработени во прилепски „Микросам“ по оброк од кетеринг

Бактеријата салмонела е причинител за масовното труење со храна во прилепската компанија „Микросам“, каде што заболеа 44 вработени, потврдија од Центарот за јавно здравје во Прилеп по направените анализи. Заболените лица конзумирале макарони со изварка и јајца – оброк приготвен од локалната кетеринг-фирма „Рустика“.

Според епидемиолозите, симптоми на труење развиле 44 од вкупно 58 работници кои го јаделе спорниот оброк, што претставува висока стапка на заболување од 75,5%. Од нив, шест лица се хоспитализирани во прилепската градска болница, додека останатите се со полесна и средно тешка клиничка слика.

Од земените 23 примероци од заболените, кај 11 веќе и официјално е потврдено присуството на салмонела.

Останатите 43 вработени во фабриката кои тој ден конзумирале различно мени немаат никакви симптоми, со што се потврдува дека токму макароните со јајца и изварка се изворот на заразата.

„Ваквите труења најчесто се јавуваат по конзумирање на сирова или недоволно термички обработена храна од животинско потекло. Во овој случај, јајцата или изварката се најверојатниот извор на бактеријата,“ објаснува д-р Станимировиќ.

За време на вонредниот инспекциски надзор – спроведен од Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) – во кујната не биле затекнати суровите продукти (јајца и изварка) кои биле искористени тој ден.

Сепак, земен е примерок од готов оброк кој моментално се испитува во микробиолошката лабораторија при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во Скопје. Од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека дури и доколку овој резултат биде негативен, претпоставката дека храната е извор на заразата нема да биде отфрлена поради епидемиолошката слика.

Симптомите на салмонела обично траат од три до седум дена, но целосното лекување и чистење на организмот од бактеријата може да потрае три или повеќе недели. Како клучна мерка се препорачува изолација на заболените за да се спречи натамошно ширење.

До завршување на комплетната истрага и добивање на сите наоди, кујната на кетеринг-фирмата „Рустика“ и мензата на компанијата „Микросам“ остануваат затворени за работа. ДСЗИ соопшти дека ги чека финалните извештаи за да преземе дополнителни законски мерки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни