На Балканот нагло расте бројот на заболени од мали сипаници (морбили), а Бугарија предничи по бројот на нови случаи во Европа. Вирусот повторно се шири ширум континентот, а најновите податоци покажуваат дека бројот на заразени драстично скокна во неколку популарни туристички дестинации.
Експертите предупредуваат дека станува збор за една од најзаразните вирусни болести во светот и апелираат до граѓаните да го проверат својот вакцинален статус пред да тргнат на патување.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), најголем број случаи од почетокот на годината се забележани во Романија, Италија, Бугарија, Шпанија, Франција и Германија.
Бугарија: На почетокот на годината имаше многу мал број заболени, но до крајот на април бројката нагло порасна на 163, додека само во текот на мај беа пријавени уште 122 нови случаи (најмногу во Европа). Според најновите податоци на бугарското Министерство за здравство, во земјата досега се потврдени 446 случаи на мали сипаници, од кои дури 368 се кај децата.
Италија: Бројот на заболени меѓу јануари и април порасна за речиси 78 отсто, иако во мај беше забележан благ пад. Во мај се регистрирани 74 нови случаи.
Остатокот од Европа: Од почетокот на годината Шпанија пријави 138 случаи, Франција 103 (од кои 24 во мај), а Германија забележа 52 случаи.
Од ECDC предупредуваат дека две дози од МРП (MMR) вакцината се ефикасни до 99 отсто во заштитата од мали сипаници, заушки и рубеола. Експертите истакнуваат дека за спречување на епидемија е потребно најмалку 95 отсто од населението да биде вакцинирано, бидејќи вирусот се пренесува исклучително лесно.
Кои се симптомите и компликациите?
Малите сипаници најчесто почнуваат со висока температура, кашлица, течење на носот и карактеристичен осип. Сепак, болеста може да предизвика и сериозни компликации како што се воспаление на белите дробови, менингитис и сепса, особено кај децата.
Минатата година во државите на Европската Унија беа регистрирани вкупно 7.655 случаи на морбили, а осум лица починаа како последица од инфекцијата.
Поради ова, европските здравствени власти упатуваат итен апел до родителите навреме да ги вакцинираат своите деца и да проверат дали ги примиле двете дози од МРП вакцината, особено пред заминување на летни патувања, пренесува британски The Sun.