Свет

Шекеринска: Крај на децениското заостанување, Европа веќе не очекува друг да ѝ ја плаќа безбедноста

Шекеринска: Крај на децениското заостанување, Европа веќе не очекува друг да ѝ ја плаќа безбедноста
Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4TV.mk на НАТО Самитот во Турција / 4NEWS.mk

По децении недоволно инвестирање во сопствената одбрана, Европа конечно се буди и презема одговорност. Необјасниво беше зошто најбогатите држави на континентот очекуваа некој друг да им го плаќа и гарантира мирот, но тој тренд сега е променет. Оваа клучна геополитичка промена ја истакна Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.

Зборувајќи за притисокот (вклучително и од американскиот претседател Доналд Трамп) европските сојузници и Канада да го зголемат финансискиот товар за одбраната, Шекеринска посочи дека резултатите се веќе видливи на дело, а не само на хартија.

„Искрено речено, не е објасниво зошто сите ние на европскиот континент и Канада, од кои еден дел се многу богати држави, би очекувале дека некој друг ќе ја финансира и ќе ја гарантира нашата безбедност. Буквално се гледа дека европските сојузници не ветувале нешто што не можат да го испорачаат“, нагласи Шекеринска за 4tv.mk.

Зрелост и баланс во односите меѓу Европа и Америка

Ова еднократно зголемување на воените буџети од 20 отсто (над 139 милијарди долари) во само една година, според неа, ќе донесе целосен рестарт и балансирање на трансатлантската врска.

  • Ново партнерство: Односите помеѓу Европа и Америка ќе станат поквалитетни, поодржливи на долг рок и позрели.
  • Двојна придобивка: Европа ќе биде многу посилна како континент, но истовремено ќе ја направи и целата НАТО Алијанса поотпорна.

„Сите лидери денеска се горди бидејќи веќе гледаат резултати. Европа е подготвена да преземе многу поголем дел од товарот на конвенционалната одбрана, поддржана и во соработка со Соединетите Американски Држави. Сите се согласуваат дека тоа е рецептот кој ќе успее“, заклучи Шекеринска во разговорот од претседателската палата во Анкара.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни