Народниот правобранител Фатон Сељами денеска влезе во Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, каде се сретна со раководството на установата и разговараше со осуденици кои пријавиле насилство.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител информираа дека Сељами, заедно со тимот од Механизмот за граѓанска контрола, остварил средба со директорот на затворот Бобан Утковски и со заменик-директорот Баки Мустафи. Целта на средбата била прибирање подетални информации за текот на вчерашниот претрес што го спровеле припадници на Единицата за интервенции на затворската полиција, која е под директна надлежност на Управата за извршување на санкции.
Правобранителот разговарал и со дел од затворениците кои биле предмет на претресот. Посетата била насочена кон утврдување на начинот на постапување на службените лица, односно дали при вршењето на претресот биле почитувани пропишаните процедури и стандардите, како и дали дошло до пречекорување на службените овластувања и употреба на прекумерна сила.
Во текот на денот, тимот на Механизмот за граѓанска контрола ќе го продолжи испитувањето на случајот. Народниот правобранител, по утврдувањето на наодите, дополнително ќе ја извести јавноста за преземените дејства и за оние што ќе следат.
Институцијата најави дека ќе ја следи состојбата во затворот „Скопје“ и ќе постапува согласно своите овластувања за заштита на човековите права на лицата лишени од слобода.