Експертите од службата за климатски промени „Коперникус“ на Европската Унија го регистрираа најтоплиот јуни досега во Западна Европа.
Европската служба „Коперникус“ во билтен соопшти дека во јуни се забележани највисоките температури на површината на морето досега на планетата и дека јуни бил втор најтопол досега во светот, објави Ројтерс.
Неколку земји, вклучувајќи ги Шпанија и Португалија, беа погодени од нови топлотни бранови оваа недела, откако Западна Европа претрпе три месеци интензивни топлотни бранови.
Просечната температура во Западна Европа е за 3 степени Целзиусови повисока од периодот од 1991 до 2020 година, достигнувајќи 20,74 степени Целзиусови во јуни.
Интензивните топлотни бранови ги влошија сушите и предизвикаа пожари во Иберија и Франција.
Саманта Бургес, висок службеник во Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, изјави дека јуни оваа година покажа колку длабоко се менува климата, додавајќи дека има сè потопли океани, интензивни топлотни бранови и растечки ризици за луѓето, екосистемите и инфраструктурата низ цела Европа.
За време на јунскиот топлотен бран, повеќе од 4.700 смртни случаи беа пријавени во Франција, Белгија, Шпанија и Холандија, а се верува дека вкупниот број на смртни случаи во другите земји е поголем, објави Ројтерс.
Зголемувањето на температурите на површината на морето во јуни беше под влијание и на други фактори, како што е феноменот Ел Нињо, иако самиот феномен Ел Нињо не придонесе за топлотниот бран во Европа, туку постоечките климатски промени, според „Коперникус“.
Службата „Коперникус“ ги мери температурите од 1940 година, а нивните мерења се вкрстени со глобалните мерења, кои започнаа во 1850 година, според „Ројтерс“.