Свет

Илјадници на испраќањето: Али Хаменеи погребан во родниот град по повеќедневни проштални церемонии

Илјадници на испраќањето: Али Хаменеи погребан во родниот град по повеќедневни проштални церемонии

Иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хаменеи, кој беше убиен во војната, е погребан во најсветото светилиште во земјата, соопштија државните медиуми рано во петок, откако огромни маси луѓе се собраа на неговата џеназа, додека неговиот син и наследник Мојтаба Хаменеи и понатаму останува надвор од очите на јавноста.

Погребот во Машхад, на североистокот на Иран, уследи по седмица масовни погребни поворки, собири и комеморации што се совпаднаа со нов бран судири со Соединетите Американски Држави, по неколкунеделно примирје во четиримесечната војна. Хаменеи беше убиен во првите напади во војната што ги покренаа Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари. САД и Иран минатиот месец постигнаа договор за примирје.

Неговото тело во четвртокот полека беше возено со камион низ преполните улици на Машхад кон позлатената купола и минарињата на светилиштето на имам Реза, додека од двете страни одеа верски службеници со бели турбани. Ожалостени во црнина чекореа зад поворката, носејќи ирански знамиња, фотографии од покојниот Хаменеи и црвени транспаренти со револуционерни пароли. Погребот ја означи кулминацијата на неделата на церемонии во Иран и Ирак, на кои верските водачи на Исламската Република ги повикуваа граѓаните да се соберат во што поголем број за да ја покажат силата и идеолошката жар на теократската држава.

Додека масата во Машхад чекаше да пристигне поворката, се извикуваа пароли со повици за одмазда против американскиот претседател Доналд Трамп поради убиството на Хаменеи. На транспаренти се читаше „Убијте го Трамп“, а како што паѓаше мрак, дворот на светилиштето беше преполн со ожалостени чии пркосни извици „Смрт за Америка“ одекнуваа над жалопојките и музиката од разгласот. Хеликоптер го подигна ковчегот од камионот над непробојната маса луѓе за да го пренесе последните неколку метри до синоплочестиот свод на светилиштето. Најстариот син на Хаменеи, Мостафа Хаменеи, го предводеше обредот на џеназа, по што група мажи го внесе ковчегот, прекриен со боите на иранското знаме – црвена, бела и зелена – во внатрешноста. Многумина внатре држеа свеќи, ги протегаа рацете кон ковчегот и плачеа, покажуваат видеоснимки.

Државната новинска агенција ИРНА рано во петок објави дека се завршени погребите на Хаменеи и на четворица членови од неговото семејство кои загинаа заедно со него. Имам Реза е една од најсветите личности во шиитскиот ислам, а комплексот на неговото светилиште во Машхад, родниот град на Хаменеи, е едно од најважните места за аџилак. Посмртните останки на Хаменеи претходно беа носени низ Техеран, шиитскиот верски центар Кум, како и низ ирачките свети градови Наџаф и Карбала. На секој од тие настани улиците беа преполни со луѓе што со шиитски жалопојки и револуционерни пароли му оддаваа почит. Мачеништвото има централно место во шиитската теологија, а смртта на Хаменеи од рака на странски непријатели се вклопува во религиската и политичката традиција длабоко вкоренета во Исламската Република.

Местоположбата на Мојтаба Хаменеи, кого во почетокот на март, недела по смртта на неговиот татко, Собранието на верските авторитети го прогласи за нов врховен лидер, останува непозната за иранската јавност. Од почетокот на војната тој не се појави јавно. Иако објавуваше писмени соопштенија, ниту една негова фотографија, видеоснимка или аудиоснимка не е објавена. Во нападот во кој загина неговиот татко, Мојтаба беше тешко повреден; лицето му е обезличено, а екстремитетите сериозно ранети. Високи извори од Техеран наведуваат дека се опоравува, но сѐ уште не е доволно здравствено стабилен за јавни настапи. Државните безбедносни служби исто така настојуваат да го ограничат неговото изложување поради можност од нови американски напади.

Погребот се одржа во клучен момент за Иран, означувајќи крај на речиси четири децении владеење на Хаменеи и доаѓајќи само неколку месеци по последниот бран масовни протести низ земјата против Исламската Република. Безбедносните сили ги задушија тие протести, поттикнати од незадоволството поради економијата погодена од санкциите, усмртувајќи илјадници демонстранти во бран на репресија што потсети на претходни судири со протестите. Аналитичари сметаат дека Иран излезе од војната со Соединетите Американски Држави стратешки зацврстен, задржувајќи контрола врз Хормушкиот Проток. Сепак, земјата претрпе голема материјална штета што дополнително ги влоши постојните економски проблеми, пренесува Ројтерс.

Починатиот Хаменеи беше именуван за врховен лидер во 1989 година, една деценија по Исламската револуција, а во следните години ја учврсти политичката, економската и воената моќ во рацете на својот кабинет. Тој процес, со кој избраните претседател и парламент сѐ повеќе беа туркани на маргините, се одвиваше со поддршка на Копрусот на чуварите на Исламската револуција, чиј влијание континуирано растеше за време на владеењето на Хаменеи. Мојтаба Хаменеи беше именуван со поддршка на Револуционерната гарда, која денес се смета за доминантна сила во иранското политичко и стратешко одлучување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни