Музика и Филм

МРТ 3 oд спортски ќе биде музичко-забавен канал за младите

МРТ 3 oд спортски ќе биде музичко-забавен канал за младите

Третиот канал на Македонската радио-телевизија влегува во целосна програмска трансформација и од досегашниот спортски профил ќе прерасне во модерен, урбан, 24-часовен музичко-забавен канал.

Одговорниот уредник на Третиот канал, Зоран Мирчевски, најави дека станува збор за еден од најголемите програмски исчекори и предизвици за јавниот сервис.

„Имаме комплетна трансформација од спортски во музичко-забавен карактер. Третиот канал треба да израсне во модерен, урбан, 24-часовен музичко-забавен канал“, изјави Мирчевски.

Според него, амбицијата не е само да се создаде уште еден телевизиски канал, туку тој да добие и поширока културна улога и да стане простор за промоција на домашната сцена.

„Не е целта само да направиме канал, туку тој да добие културна улога и да биде домаќин на сè она што се создава на домашната културна и забавна сцена“, рече Мирчевски.

Во програмата ќе има содржини за музика, култура, мода, храна, миленици и други теми од современиот урбан живот.

Посебен акцент ќе биде ставен на помладата публика, а содржините ќе бидат приспособени на современите навики за следење медиуми. Мирчевски најави пократки и подинамични формати, при што најголем дел од прилозите нема да бидат подолги од три до четири минути.

Каналот ќе добие и нов, значително помодерен и подинамичен визуелен идентитет.

Мирчевски информираше и дека Третиот канал од денеска е достапен на програмската позиција број 6 на „Телеком“, за што изрази благодарност до операторот.

Со новата програмска концепција, Третиот канал треба да стане платформа за домашната музичка, културна и забавна продукција, со содржини креирани пред сè за новата генерација гледачи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни