Авион на компанијата „Рајанер“, кој утрово летал од Солун кон Меминген, се врати во Солун кратко по полетувањето, откако прозорец на патничката кабина бил избиен за време на летот под дејство на физичка сила, потврдија од авиокомпанијата за порталот „Ен1“.
Од „Рајанер“ соопштија дека еден патник побарал и добил лекарска помош на земја во Солун, без да прецизираат како дошло до повредите. „Авионот нормално слета, а патниците беа вратени во терминалот“, наведоа од компанијата, додавајќи дека бил организиран замeнски авион кој ги превезол патниците од Солун до Меминген.
Компанијата не ги коментираше тврдењата дека еден патник за малку не испаднал од леталото откако се скршил прозорецот покрај неговото седиште. На социјалните мрежи се појавија објави со наводи дека повредениот, на возраст од 61 година, претрпел повреди од триење.
Грчките медиуми претходно објавија дека во авионот настанала паника кога прозорецот пукнал и дека патникот кој седел до него бил делумно извлечен нанадвор поради разликата во притисокот, при што го задржале неговата сопруга и други патници. Според порталот „Прото Тема“, станува збор за маж со потекло од Србија, стар 61 година, кој поради повредите е задржан во болница. Истите извори наведоа и дека првично било објавено оти станувало збор за лет кон Шведска.
Специјализираниот сајт за следење летови „Флајтрадар24“ објави дека прозорецот на авион „Боинг 737“ на „Малта Ер“ се скршил при искачување на околу 4.500 метри по поаѓањето од Солун, по што леталото се спуштило на помала височина, под 2.000 метри, за да испушти гориво и безбедно да слета на солунскиот аеродром. Не е прецизирано како дошло до оштетувањето на прозорецот.