Свет

Фон дер Лајен ќе го донира револверот од Ердоган во воен музеј

Фон дер Лајен ќе го донира револверот од Ердоган во воен музеј

Подарокот што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им го врачи на лидерите на НАТО нема да заврши во рацете на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Револверот што таа го доби за време на самитот ќе биде онеспособен за употреба и потоа дониран во воен музеј.

Одлуката ја соопшти портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, која посочи дека Фон дер Лајен му се заблагодарила на Ердоган за подарокот.

„Бидејќи станува збор за огнено оружје, тоа ќе биде безбедно транспортирано и складирано. Откако ќе биде онеспособено за употреба, намерата на претседателката е да го донира во воен музеј“, изјави Пињо.

Таа не сакаше да навлегува во дополнителни толкувања за симболиката на подарокот, посочувајќи дека оружјето било делено на сите лидери кои учествувале на самитот на НАТО.

„Ќе ви оставам на вас да го толкувате, бидејќи сигурно постојат повеќе можни интерпретации. Ова беше подарок што го добија сите лидери кои учествуваа на самитот и немаме што дополнително да додадеме“, рече портпаролката.

Според информациите, Ердоган на учесниците на самитот им подарил револвер и шест куршуми како начин за промоција на турската одбранбена индустрија.

Сепак, поради строгите правила за поседување и внесување оружје, дел од лидерите не можеле да ги понесат подароците во своите земји. Некои од нив, меѓу кои и Фон дер Лајен, одлучиле оружјето да го донираат во музеи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни