Едно од десет деца доаѓа на свет предвреме. Бременоста на рана возраст, употребата на цигари, алкохол и психотропни супстанции, но и сè почестото забременување на повозрасна возраст, кога жените веќе имаат придружни заболувања, се дел од ризик-факторите за предвремено породување.
Иако медицината бележи значителен напредок во намалувањето на смртноста кај предвремено родените бебиња, предизвик за здравствените работници останува намалувањето на бројот на предвремени породувања.
Лекарите предупредуваат дека сè почесто се соочуваат и со дополнителни здравствени компликации кај трудниците, меѓу кои и малигни заболувања.
Како една од мерките за превенција се посочува потребата од воспоставување појасни медицински протоколи, редовни прегледи и соодветно следење на здравствената состојба на жените уште од моментот на планирање на бременоста.
Благодарение на напредокот на неонатологијата, денес преживуваат и новороденчиња со родилна тежина од само 500 грама, како и бебиња родени во 24. гестациска недела.
Сепак, нивното заминување од болница не значи и крај на медицинската грижа. Овие деца имаат потреба од долготрајно следење, специфична нега и редовни лекарски контроли.
Педијатрите апелираат до родителите доследно да ги почитуваат медицинските препораки за правилен раст и развој на предвремено родените деца.
Во меѓувреме, поради грипот и морбилите, ограничен е пристапот на родителите до предвремено родените бебиња кои се на болничко лекување.