Во време на најголемата безбедносна криза во поновата историја, НАТО Алијансата ја потврдува својата основна функција не само преку декларации, туку преку конкретни воени акции и милијардски буџети. Оваа трансформација и враќање кон основните вредности на сојузот ги анализираше Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Дефинирајќи ја суштината на постоењето на пактот, Шекеринска потенцираше дека одлуките кои се носат на овој историски самит имаат само една крајна цел – заштита на секоја педа сојузничка територија.
„НАТО е одбранбен сојуз. Неговата цел, неговата ДНК е да си ги штити членките. Тоа го покажуваме секојдневно, а еден од примерите колку НАТО е важно за нашата безбедност беше видлив токму во Турција, нашиот домаќин, кога еден ирански напад беше пресретнат од воздушната одбрана на Алијансата“, изјави Шекеринска за 4tv.mk.
Двоен штит: Колективна одбрана и поддршка за украинскиот отпор
Овој инцидент над турското небо, според неа, е крунски доказ дека НАТО стои зад ветувањето за заштита на „секој инч или секој метар квадратен“ од својата територија. Но, за тој штит да остане непробиен, неопходно е агресијата да биде запрена таму каде што започна.
Затоа Алијансата, покрај сопствената одбрана, функционира и како главен логистички мотор за преживувањето на Украина.
- Одржување на отпорот: Импресивни 99 проценти од воената помош која ја држи Украина да опстои, доаѓа токму од земјите-членки на НАТО.
- Воздушна супериорност: Дури 95 отсто од клучната воздушна одбрана на Киев е обезбедена преку НАТО програмите.
„Ова им дава инструменти и можност на извонредно храбрите и отпорни украински воени сили и граѓани да издржат во нивната оправдана битка за слобода и зачувување на државноста. Знаеме дека ако почне да се наградува агресијата кон соседите, следниот пат тоа ќе зачука на врата на некои од нашите сојузници“, заклучи Шекеринска во интервјуто, потврдувајќи ги гаранциите за финансиска помош од 70 милијарди долари за Киев, кои треба да обезбедат пат кон вистински и долгорочен мир.