Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно ја отворија темата за одговорноста на полицијата пред избувнувањето на трагедијата, откако на денешното судско рочиште се слушале сведочења за помошта што ја давале полициските службеници при спасувањето на присутните.
Во својата реакција, родителите нагласуваат дека не ја оспоруваат помошта на поединечни полицајци, но бараат да се утврди дали институциите навреме постапиле за да го спречат одржувањето на концертот и опасностите што им претходеле на 63 изгубени животи.
„Денес во судницата повторно слушаме сведочења дека полицијата помагала. Не ја оспоруваме помошта на поединечни полициски службеници. За нивното постапување, но и непостапување таа вечер, освен сведочења, постојат бројни снимки објавени во медиумите, чија доказна вредност треба да ја оцени судот“, наведуваат родителите.
Тие поставуваат повеќе прашања за постапувањето на полицијата пред пожарот, меѓу кои и зошто бил дозволен концерт во објект за кој тврдат дека работел незаконски.
„Зошто не бил спречен концертот доколку не бил пријавен во МВР? Зошто не било интервенирано поради употребата на пиротехника? Дали биле исполнети условите за јавна безбедност и дали постоеле основи за постапување поради нарушување или загрозување на јавниот ред и мир?“, прашуваат родителите.
Според нив, клучно е да се утврди што презеле полициските службеници пред избувнувањето на пожарот, имајќи предвид дека полицијата била присутна на местото пред трагедијата.
Родителите нагласуваат дека мора да се направи јасна разлика меѓу спасувањето на човечки животи откако опасноста веќе настапила и обврската за навремено спречување на ризиците.
„Мора јасно да се разграничи спасувањето од спречувањето на трагедијата. Спасувањето е реакција кога опасноста веќе настапила. Спречувањето е навремено постапување пред да бидат загрозени човечки животи“, порачуваат тие.
Во реакцијата се посочува дека помошта по избувнувањето на пожарот не може да ги избрише евентуалните службени пропусти што му претходеле.
„Затоа бараме судот да утврди не само кој помагал или не помагал кога ‘Пулс’ веќе горел, туку пред сè кој бил должен да го спречи незаконскиот настан и опасностите што им претходеле на 63 изгубени животи“, се наведува во реакцијата на родителите на загинатите.
Тие бараат во судската постапка да се утврди целосната одговорност за постапувањето и евентуалното непостапување на надлежните пред пожарот, а не само да се оценува нивната улога во спасувањето на присутните.