Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за европската интеграција на Западен Балкан, како и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора.
Пред почетокот на самитот, Мицкоски изјави дека Македонија одамна заслужила да биде дел од Европската Унија, но дека процесот на евроинтеграција е попречен поради, како што ги нарече, вештачки причини.
„Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во обраќањето пред европските и регионалните лидери ќе ја потврди посветеноста на Владата на реформската агенда и продолжувањето на евроинтеграцискиот процес.
Премиерот се осврна и на актуелните меѓународни предизвици, посочувајќи ги војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа како дел од сложената глобална состојба.
Мицкоски изрази надеж дека разговорите меѓу лидерите нема да останат само на политички пораки, туку ќе придонесат за суштински дискусии и конкретни резултати за регионот.
Самитот на Берлинскиот процес го означува завршувањето на претседавањето на Црна Гора со оваа регионална иницијатива. Предвидено е да го отворат црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во рамките на самитот ќе се одржи и пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Според најавите на германската влада, главни теми на разговорите ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора како дополнителен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.